Поповски: По крајот на вонредната состојба ќе следи одлуката како ќе заврши првенството оваа сезона

Фудбалската федерација на Македонија преку Zoom платформа организираше дебата “Спортот во услови на Covid-19” со генералните секретари на најголемите федерации во државата.  Размислувањата за предизвиците со кои се соочуваат федерациите и спортските клубови, потоа за помошта од државните институции кои ги добиваат спортските клубови и начинот на кои ќе функционираат во следниот период ги споделија Владимир Георгиевски од Кошаркарската федерација, Филип Поповски од ФФМ, Зоран Карановиќ – Одбојкарската федерација, Филип Милошевски од РФМ и Сашо Поповски од МОК.

Генералниот секретар на Фудбалската федерација на Македонија, Филип Поповски истакна дека ФФМ како сериозна институција од сите аспекти ја разгледува оваа ситуација и ќе ги земе во предвид сите препораки и мерки пред да ја донесе конечната одлука во однос на националното првенство.

„Ние во Фудбалска федерација на Македонија сме во постојан контакт со УЕФА и ФИФА, често одржуваме видео конференција со сите 55. членки на европското фудбалско семејство и генерално, ставот е дека националните првенства не треба да се прекинуваат, односно да се изнајде соодветен начин да се заврши натпреварувачката сезона. Прашањето е дали првенствата ќе се завршат во веќе започнатиот формат, преку одредена скратена форма или ќе се најде посебна алтернатива. Тоа е веќе одлука од меѓусебниот однос на федерациите со клубовите и УЕФА“ – истакна Поповски, притоа дополнувајќи:

„Меѓутоа, една работа, исто така е многу важна. Колку и да сакаме да ги следиме препораките на нашите принципали, УЕФА и ФИФА, сепак од другата страна ги имаме препораките на Владата. Дава надеж тоа што веќе некои од мерките се олеснуваат, а и фактот што многу европски држави имаат различен пристап и започнуваат со спортски активности ни дава за право да се надеваме дека во најскоро време ќе можеме да започнеме и кај нас. Во насока на продолжување на првенството, ние подготвивме неколку сценарија уште од самиот почеток на здравствената криза, но истите зависат од мерките и препораките на Владата. По завршување на вонредната состојба ќе имаме појасна слика за тоа што можеме да донесеме како решение, иако како краен рок за завршување на првенството е ставен почетокот на август“.

А, што се однесува околу репрезентативните настапи…

„Во делот за репрезентативните настапи, знаеме дека плеј-оф натпреварите се одложени, очекуваме тие да бидат во месеците септември, октомври и ноември, но можни се поместувања бидејќи во истиот период предвидено е да започне новото издание од Лига на нации. Конечните одлуки по овие прашања ќе се донесат на 27. мај од страна на Извршниот комитет на УЕФА, вклучувајќи ги тука и квалификациите за репрезентацијата до 21 година и до 19 години, како и женските национални тимови“ – рече генералниот секретар на ФФМ.

Првиот оперативец во ФФМ истакна дека нашата „Куќа на фудбалот“ ги изготви и достави до Агенцијата за млади и спорт сите пристигнати барања за финансиска поддршка за два месеци, но истакна дека последиците од оваа криза ќе се чувствуваат многу подолго. Поповски вели дека спортот е на некој начин бизнис и на тој начин треба да функционира, врз основа на цели и буџет.

„Фудбалската федерација на Македонија прими, изготви и достави до Агенцијата за млади и спорт повеќе од 600 предмети за користење финансиска поддршка добиени од клубовите, нивните фудбалери, тренери, стручни лица и административен кадар. Навистина е тешко да се каже дали помошта е доволна, бидејќи не сметам дека оваа криза ќе трае само два месеци. Последиците ќе се трпат и во иднина и веројатно вистинското прашање е што потоа? Клучното не е во тоа само да побараме и живееме со 14.500 денари или пак било каква друга помош, а досега не немало никаде!? Навистина сметам дека оваа криза треба да не „рестартира“. Да ги отвориме очите за да можеме да го најдеме патот каде што сакаме да одиме. Секој сериозен клуб или федерација не живее од „денеска за утре“. Стремежот секогаш треба да биде кон остварување на целите, а за тоа се потребни и долгорочни планови и стратегии. Спортот е на некој начин бизнис и на тој начин треба да функционира, врз основа на цели и буџет“ – истакна Поповски.

Насочувањето кон домашните кадри и обидот за омасовување на фудбалот и спортот воопшто, Поповски смета дека треба да биде еден од важните чекори на секоја сериозна федерација или клуб во периодот што следува.

„Фудбалската федерација на Македонија како и досега ќе продолжи да го поддржува фудбалското семејство и клубовите, но секако претстои период на преструктуирање. Верувам дека сега е потребно да работиме посериозно во насока на производство на домашен кадар. Да не заборавиме дека суштината на нашето работење е социјалната одговорност и треба да се насочиме кон омасовување. Работата со децата и младите категории треба да биде еден од важните чекори. Ова е моментот да размислиме за сите наши планови и активности. Ако за се ова зборуваме од септември, се плашам дека ќе биде доцна. Навлегуваме во нова сезона, а знаеме што се не очекува следната година. Од Европско првенство па до Олимписки игри“.

Се вчитува...