Македонската ракометна репрезентација одигра уште еден тежок натпревар против Грузија кој успеа да го добие со голот на Мартин Попоски со звукот на сирената со 29-28. Младите повторно го понесоа товарот, бидејќи во составот на Данило Брестовац недостигаа Дејан Манасков и Филип Кузмановски, додека Кирил Лазаров и Борко Ристовски останаа на клупата.
Филип Талески одлично го отвори мечот беше предводник на нашиот тим со четири гола со кои во дванаесеттата минута избраниците на Данило Брестовац стигнаа и до највисоките во тој момент плус пет (8-3), по кои селекторот на гостите мораше да интервенира со тајм-аут. Грузијците успеаја да ги консолидираат редовите и со серија од 4-1 во 16. минута да се доближат на само минус два (9-7). Во продолжението се играше гол за гол, а при резултат 11-9 во 21. минута Велковски доживеа тежок пад на главата, но за среќа на нозе го напушти теренот, без посериозна повреда. Следуваше одлична серија на нашите ракометари кои во 25. минута стигнаа до највисоките плус шест (15-9). Грузијците повторно заиграа подобро и со серија од 4-0 во 29. минута успеаја да намалат на 15-13. До крајот на полувремето Танкоски и Пешевски стрелаа за нас, додека за Грузијците погоди Шкровебадзе со што на пауза се замина со резултат 17-14.
Избраниците катастрофално го почнаа второто полувреме, особено во фаза напад, каде за пет минути постигнаа само еден гол и тоа од пенал на Поповски, по кој Грузијците успеаја да се приближат на само минус еден (18-17). Грузијците продолжија со добрата игра преку пикер, а во 41. минута стигнаа и до израмнување 21-21. На голот на нашата репрезентација застана младиот Кизиќ кој за краток период успеа да забележи четири интервенции кои помогнаа Македонија во 50. минута да се одлепи на плус два 25-23. Грузијците успеаја да постигнат два гола со кои во 53. минута стигнаа до ново израмнување 25-25. Следуваа голови на Танкоски и Попоски за предност од 27-25, резултат со кој се влезе во завршните четири минути од мечот. Следуваа два гола на Грузијците со кои на минута до крајот стигнаа до ново израмнување 27-27. Во последниот напад Арсеновски изнуди пенал кој успешно го реализираше Мартин Поповски и на 33 секунди до крајот донесе водство на Македонија од 28-27. Шкровебадзе израмни на 28-28, а Поповски со звукот на сирената успеа да донесе победа на Македонија од 29-28.
Филип Талевски со 7 гола беше прво име во нашиот табор, Димитриоски и Поповски стрелаа 6 пати. Нашите голмани Томовски и Кизиќ заедно забележаа десет одбрани.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА