Поповски: Треневски е врвен професионалец, покажа и тренерска доблест

Првиот човек на Работнички, Драган Поповски, изрази жалење што слабиот старт на сезоната придонесе да дојде до предвремена разделба од Виктор Треневски, откако овој стручњак денеска си поднесе оставка од тренерската функција кај „романтичарите“. Тој во изјава за официјалната веб-страница на клубот имаше само пофални зборови за Треневски и неговиот професионализам, воедно изразувајќи му и благодарност за успешната ланска сезона во која Работнички повторно обезбеди излез во фудбалска Европа.

Согласно ситуацијата во која се најде тимот на почетокот од овој шампионат и разговорите со досегашниот шеф на стручниот штаб, раководството на ФК Работнички одлучи да ја прифати оставката на Виктор Треневски. Од името на ФК Работнички и од мое лично име како претседател сакам да му се заблагодарам на Виктор Треневски за одличната соработка што ја имавме во изминатиот период од една година. Тој демонстрираше врвна професионалност на сите полиња во клубот и даде свој полн придонес за остварување на целите минатата сезона, кога Работнички успеа да избори пласман во квалификациите за Лигата на Европа, а потоа имавме успешна презентација и на меѓународна сцена. Меѓутоа, малку послабиот старт на новиот шампионат беше причина за разделба, а дури и во овие моменти Виктор Треневски покажа максимална професионалност и тренерска доблест преземајќи ја комплетно одговорноста за постигнатите резултати. Му посакуваме на Виктор Треневски успешна тренерска кариера во иднина и не се сомневаме дека ќе ги оствари своите цели и амбиции“ – изјави Драган Поповски.

Се вчитува...