Пораз и од моќната Полска, допрва следи она вистинското

Очекуван пораз и од Полска, трет во низа на македонските одбојкари на Евроболеј 2026 во групната фаза што се игра во Софија,  исход што не е апсолутно никакво изненадување ако се знае дека нашите одбојкари за ривал го имаа актулниот европски шампион.

Полска повторно е главен фаворит за златниот медал, разликата во квалитет беше огромна, па така и двајцата селектори решија да одморат дел од клучните играчи во пресрет на следните предизвици на овој шампионат.

Во првиот сет и повеќе од добро му париравме на големиот фаворит, кој сепак на крајот се одлепи и триумфираше со 25-19. Вториот дел од мечот мина во полска доминација и заврши со 25-16.

Целосно потклекнавме во третиот сет  во кој противникот беше во елемент, се одлепи во раната фаза и на крајот славеше со најубедливи 25-13.

За Македонија допрва следат клучните две средби во Софија, со Португалија во вторник и со Израел ден подоцна, мечеви на кои победи би ни го донеле посакуваното четврто место во групата И пласман во следната фаза од ова европско првенство.

Се вчитува...