Пораз што не боли: „Мисијата Букурешт“ е исполнета – Македонија е на еден чекор до СП

ЕКИПА во Букурешт,
Стеван Цаневски

Македонија се пласираше во втората и последна нокаут фаза од квалификациите за СП 2023, откако нашите ракометари одиграа рутински меч на гостувањето против Романија (пораз од 24-22 ). Лазаров и неговите избраници имаа „плус осум“ од Скопје, во долги периоди и денеска го контролираа натпреварот, па дури и кога за момент паднаа на „минус три“ не загубија глава, туку со искусно издание се вратија и си го трасираа патот до двомечот со Чешка, закажан за април, во кој „наградата“ е билет за ракометниот мундијал.

Првото полувреме мина во израмнета игра во која Македонија целосно го контролираше темпото и резултатот. Романците свесни дека бркаат огромна негатива се обидоа да влезат во гол-серија, но често грешеа, а нашите ракометари знаеја како да го искористат тоа.

Младиот Павле Атанасијевиќ, кој играше само во одбраната, постигна два гола од полуконтра, а Македонија поведе со 2-5. Романците се вратија, стигнаа до израмнување од 7-7, кога Томовски застана на голот на нашиот национален тим и веднаш блесна со извонредна интервенција при обидот за цепелин на домаќините. Следеше нова серија на Македонија, па преку Георгиевски поведовме и со 7-10, но Романците успеаја да се вратат и на одмор се замина со израмнети 12-12.

При водство од 13-14 Јагуриновски не реализираше зицер од контранапад, по што Романците со два брзи гола поведоа со 15-14, нивно второ водство на мечот по почетните 1-0. Томовски имаше многу важна интервенција при 16-15, по што Лазаров погоди на спротивната страна и донесе ново израмнување на дваесет минути до крајот.

Пасквал побара тајмаут при 17-16 во 44. Минута, а веднаш потоа Романците за првпат на мечот стигнаа до два гола предност, а во 46. Минута и со 19-16, со вториот гол во низа на Хумет, притоа изнудувајќи и исклучување од Миркуловски. На десет минути до крајот резултатот гласеше 20-17 за Романија, при што Кире Лазаров побара минута одмор.

Токму Лазаров постигна погодок во значаен момент за 20-18, а веќе во следниот напад на домаќините Томовски блесна со одлична одбрана. Романците тргнаа на се или ништо, со агресивна одбрана и два „фластери“, но немаа одговор за Лазаров, кој уште еднаш стрелаше прецизно. За момент стигнавме и до израмнување од 21-21, за до крајот Романците со нешто подобра игра да стигнат до конечните , пораз што не боли бидејќи е исполнета клучна цел – пласман во втората бараж-фаза за СП.

Кирил Лазаров со шест гола, но со лоша реализација од само 50 отсто беше прво име во нашиот табор, додека Филип Кузмановски го заврши натпреварот со три гола. На голот Мартин Томовски забележа девет одбрани. Кај Романците Хумет Гаминде беше најефикасен со шест гола.

Двомечот меѓу Македонија и Чешка од квалификациите за СП 2023 се игра наредниот месец, првиот дуел е закажан во Злин за 13 април, а реваншот во Скопје за 17 април.

Се вчитува...