Портланд им се врати на победите, Торонто пресилен за Лејкерс (ВИДЕО)

Третопласираниот тим во Западната конференција, Портланд експресно се рехабилитираше по изненадувачкиот пораз од Лос Анџелес Лејкерс и забележа убедлива победа над Минесота од 111-81. Во втората четвртина со серија од 12-2, кошаркарите на Портланд го прекршија мечот, до крајот само ја зголемуваа предноста.

Јусуф Нуркиќ со 19 поени ја предводеше листата стрелци, Си Џеј Малком и Демијан Лилард имаа по поен помалку. За Минесота, Карл Ентони Таунс имаше 23 поени, Дерик Роуз остана на клупата, а Џими Батлер не беше во составот. Портланд има биланс 7-3 и е веднаш зад Голден Стејт и зад Денвер во Западната конференција. Минесота има негативен биланс 4-6 што е доволно само за 12 место на Запад.

Леброн Џејмс и Лос Анџелес Лејкерс немаа сила за нов подвиг во пресметката со лидерот на источната конференција, Торонто. Канадскиот состав слаавеше со 121-107 во натпреварот во кој клучна беше првата четвртина. Торонто веќе по шест минути водеше со 25-8, а сегментот го доби со 45-17. Потоа Лејкерс ги добија сите останати четвртини, но во ниту еден момент не ја загрозија предноста на „Репторс“.

Серж Ибака имаше одлична партија со 34 поени и шут од поле 15/17. Каваи Ленард не беше во тимот на Торнто. Кај Лејкерс, Кајл Кузма беше прв стрелец со 24 поени, Леброн Џејмс мечот го заврши со 18.

На останатите средби од неделната програма, Феникс дојде до втората сезонска победа триумфирајќи над Мемфис 102-100, Орландо славеше над Сан Антонио со 117-110, Филаделфија загуби од Бруклин со 122-97 и  Вашингтон го победи Њујорк со 108-95.

 

 

Се вчитува...