Порто без одговор за моќниот Веспрем

Веспрем не се откажува од трката со Кил за првото место во групата, откако актуелниот европски вицепрвак попладнево лесно и убедливо славеше на гостувањето против Порто (24-31). Португалците досега им создаваа сериозни проблеми на речиси сите ривали во групата, но избраниците на Давид Дејвис одиграа одлично, го контролираа мечот од почеток до крај и заслужено прокнижија нови бодови.

Веспрем уште во првото полувреме имаше водство од 9-14, а Порто најдобро ги одигра првите десетина минути од вториот дел, успевајќи да намали на 15-16. Сепак, следеше фуриозна серија на унгарскиот гигант, кој набрзина поведе со 15-20, до крајот на дуелот не дозволувајќи им на домаќините да се понадеваат ниту на бод. Борозан со седум и Гајиќ со шест погодоци беа најзаслужни за оваа победа на Веспрем. Манасков постигна два погодоци за победничкиот тим на оваа средба.

Унгарците сега имаат само два бода помалку од Кил во трката за првото место, во пресрет на гостувањето во Германија, во директна пресметка за врвот. Порто остана со 10 бода на петтата позиција, еден повеќе од Вардар.

Се вчитува...