Порто ја обвини Бенфика за врачеви и „црна магија“

Во Португалија се појави необично обвинение. Порто обвинува дека во нивниот најголем ривал, Бенфика, ангажирале врач од Гвинеа-Бисао за да им помогне да ја освојат титулата!

Директорот за комуникаци на Порто, Франциско Маркеш, тврди дека ја видел преписката меѓу претседателот на Бенфика, Луис Филипе Виера и д-р Армандо Нага од поранешната португалска колонија Гвинеа-Бисао за кој тврди дека е врач, објавија англиските медиуми.

Нага наводно, испратил порака во Бенфика во која наведува дека имал „договор“ со поранешен член на раководството на клубот за сезоната 2015/2016 според кој за помош во освојувањето на титулата требало да добие 75.000 евра.

Според претставникот на Порто, претседателот на Бенфика не знаел за овој „договор“ со врачот, но му порачал дека е отворен за состанок во клубот.

Во преписката, Нага им се заканувал на луѓето од Бенфика дека ќе го саботира походот кон нивната четврта последователна шампионска титула во Португалија, ако нему и на уште едно неименувано лице наречен како „учителот во Лисабон“, не им биде платено за нивната „помош“.

Нага на 13 февруари му испратил порака на Виера барајќи договорот да биде постигнат пред натпреварот од Лигата на шампионите меѓу Бенфика и Борусија Дортмунд, а потоа го издиктирал ценовникот и барал да му бидат исплатени 100.000 евра ако Бенфика ја освои титулата“ – вели претставникот на Порто.

Во овој натпревар Бенфика беше поразена од Борусија Дортмунд со 4-0, а тогаш врачот Нага испратил порака до лисабонскиот клуб дека „работата не била завршена како што треба“ и дека „потврдата доцна стигнала до „учителот од Лисабон“.

Маркеш тврди дека има доволно докази од кои заклучува дека во Бенфика се занимавале со „врачеви и црни магии“ за да дојдат до титулите.

Овие бизарни обвинувања доаѓаат во време кога португалскиот фудбал го потресуваат истраги за корупција, а меѓу осомничените е и Порто, иако директорот на Порто ги отфрла сите инсинуации дека неговиот клуб се наоѓа под истрага на надлежните органи во Португалија.

Се вчитува...