Порто нов кандидат за домаќин на финалето во Лигата на шампионите?

Сè помалку време има до финалето во Лигата на шампионите, а сè уште не е решено официјално каде ќе се игра натпреварот помеѓу Челси и Манчестер Сити. Португалија е земја која се наметнува како потенцијален нов домаќин.

По првичната одлука за финале на елитното натпреварување во Истанбул на стадионот „Ататурк“, УЕФА објави дека допрва ќе разговараат со Владата на Велика Британија за предлогот финалето да се игра во Лондон на „Вембли“. Најголемо влијание врз одлуката со која се соочува УЕФА ќе имаат сегашните мерки во споменатите земји, кога станува збор за пандемијата на коронавирусот.

Ситуацијата во Турција не е поволна кога станува збор за бројот на новоинфицирани, а Велика Британија е ригорозна во однос на дозволите за патување и влез во земјата. Сепак, беше најавено дека ограничувањата за патување ќе бидат намалени на 17 мај кога станува збор за Англија, а Турција во меѓувреме стигна до „црвената листа“ за посетители од островот, па ниту Сити ниту Челси не можеа да патуваат во Истанбул.

Во случај финалето да се игра во Португалија, домаќинот ќе биде стадионот „Драгао“ во Порто, а информацијата дека Португалија е на „зелената листа“ за патници кои пристигнуваат од Велика Британија им ја олеснува работата на организаторите. Финалето во Лигата на шампионите е закажано за 29 мај.

Се вчитува...