Кристијано Роналдо се соочува со сериозни дисциплински мерки откако самоволно го напушти кампот на португалската репрезентација во Копенхаген.
Според Дисциплинските правилници на Португалската фудбалска асоцијација, 41-годишниот капитен на Португалија може да биде суспендиран во период од еден до шест месеци, од сите меѓународни натпреварувања – клупски и репрезентативни, и казнет со парична казна од 510 до 1020 евра.
Клучот е во член 160 од правилникот на ФПФ, кој се однесува на непосетување или напуштање на активностите на националниот тим. Тој предвидува дека играч кој е уредно поканет, но без оправдување ќе напушти тренинг, натпревар или друга репрезентативна активност, се казнува со суспензија од еден до шест месеци. Професионален играч дополнително се казнува со парична казна од пет до десет сметководствени единици, од кои едната изнесува 102 евра.
Правилникот оди чекор понатаму. Во втората точка од истиот член е наведено дека отсуството или напуштањето на активноста резултира со автоматска превентивна суспензија, во согласност со другите одредби од правилникот. Сепак, досега не е објавено дека е донесена каква било дисциплинска одлука против Роналдо.
Најважното прашање ќе биде дали Роналдо неоправдано го напуштил кампот, односно без дозвола од Здружението.
По неговото заминување, Португалецот објави дека одлуката ја донел по разговор со претседателот на ФПФ, Педро Проенко.
„По прес-конференцијата на селекторите и разговорот со претседателот на Португалската фудбалска асоцијација, решив да го напуштам кампот на репрезентацијата“, напиша Роналдо, додавајќи дека „со текот на времето“ ќе им ги објасни причините за својата одлука на Португалците.
Во своето кратко соопштение, ФПФ не соопшти дали му дала дозвола на Роналдо да си замине. Тоа може да биде клучно. Доколку се утврди дека неговото заминување е одобрено, одредбата за неоправдано заминување од репрезентацијата не треба да се применува.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
