Португалците тврдат: Роналдо го напушта Реал Мадрид

„Роналдо заминува од Реал Мадрид, готово е“, тврди португалскиот весник „Рекорд“, највлијателниот медиум во државата на актуелниот европски првак. Како причина за ова ги наведува нереализираните ветувања од претседателот на „кралскиот клуб“, Флорентино Перез.

„Неисполнетите ветувања доведоа до неповратна одлука. Тргнува аукцијата“, истакнува „Рекорд“.

Флорентино Перез уште пред седум месеци му ветил на Роналдо дека ќе ја зголеми неговата годишна плата од 21 милиони на 30 милиони евра. Но, тоа не се случи се до триумфот во финалето на Лигата на шампионите, по што Португалецот јавно изјави:

„Беше убаво да се игра за Реал“.

Ова ги подгреа гласините дека Роналдо е подготвен да си замине, со оглед дека е потценет во Реал Мадрид. Споредбено, Нејмар во ПСЖ заработува 35 милиони евра годишно, додека Меси во Барселона има 40 милиони евра годишно. Тие се и помлади, а Португалецот се сложил со плата од 30 милиони евра. Но, Флорентино Перез не го исполни ветувањето.

Сепак, Роналдо е ’врзан’ со договор со Реал Мадрид. Тој има потпишано до 2021 година и тогаш изјави дека сака да остане во Реал „доживотно“…

 

Се вчитува...