Порзингис стои на патот на перфекцијата на Словенија

Словенија покрај Шпанија е единствената селекција со максимален ефект во досегашниот дел од Евробаскет 2017, но избраниците на тренерот Кокошков се наоѓаат пред сериозен предизвик – вечерва да ја совладаат Летонија и да влезат меѓу најдобрите четири екипи и да се вмешаат во битката за медали. Лука Дончиќ има шанса за нов блесок на европската кошаркарска сцена, а за триумф на Словенците ќе им биде неопходно во ритам да влезе и Горан Драгиќ, кој одигра под своето ниво во осминафиналниот дуел со Украина.

За нас е сеедно против кого играме од другата страна на теренот, најважно е ние да бидеме во вистинскиот ритам. Мораме да останеме мирни, да бидеме агресивни во одбраната, но и да играме на исто ниво во текот на сите 40 минути“ – изјави Драгиќ во пресрет на денешното четвртфинале.

Клучно во одбраната ќе биде колку што може да се неутрализира Порзингис, играчот кој апсолутно доминира во летонскиот состав. Селекторот Багацкис очекува неизвесен дуел, бидејќи според него Словенија е репрезентација чија игра им одговара на Летонците.

„Имаме добра слика за играта на Словенија, која инсистира на брза кошарка и има добри шутери, воедно и врвни играчи како Драгиќ и Дончиќ. Наша примарна задача ќе биде брзо враќање во одбраната за да не им дозволиме лесни поени, но севкупно гледано говориме за ривал чиј стил ни одговара, бидејќи и ние сакаме да играме што побрзо. Ќе биде интересно и неизвесно до самиот крај“ – истакнува Багацкис.

Мечот меѓу Словенија и Летонија се игра вечерва со почеток во 20.30 часот.

 

Се вчитува...