Послатко не можеше: Манасков во последната секунда донесе победа над Исланд

Данило Брестовац имаше фантастично деби на клупата на Македонија откако нашиот национален тим на гостински терен славеше над Исланд со 33-34, прва победа во историјата на гостувањата против оваа моќна европска селекција. Триумфот не можеше да биде посладок, беше остварен со гол во последната секунда на Дејан Манасков, кој со својот осми погодок донесе огромна радост, за голем чекор напред кон место на ЕП 2020.

Од самиот почеток стана јасно дека нападот ќе ни биде проблем, откако во првите пет минути не успеавме да постигнеме гол, а Исланд поведе со 2-0, период во кој капитенот Лазаров не реализираше и пенал. Гоце Георгиевски подобро го отвори натпреварот и изнуди пенал и исклучување на Сигурдсон (Манасков го претвори во прв гол за Македонија), а потоа и самиот постигна погодок на асистенција на Кире Лазаров.

Домашната селекција со беспрекорен напад го контролираше резултатот, лесно с е наоѓаа дупки во нашата одбранбена зона и набрзина се стигна до предност од четири гола (7-3). До половина од првото полувреме веќе имавме и три исклучувања, но „црвено-жолтите“ продолжија со цврста игра, и го преполовија водството на противникот (10-8). Палмарсон играше фантастично во првите петнаесетина минути, но откако и тој почна да промашува, Македонија експресно израмни со двата брзи гола на Георгиевски. Десното крило играше одлично и го заврши првото полувреме со шест погодоци, а Македонија се до заминувањето на одмор целосно му парираше на домашниот состав. Првиот дел заврши со израмнети 17-17 откако Лазаров погоди со звукот на сирената, благодарение на извонредно изнуденото пробивање од Филип Кузмановски.

Со „егал“ игра се продолжи и во второто полувреме, Стоилов постигна два гола и не дозволуваше домаќинот повторно да се одлепи.  Нападот функционираше беспрекорно, се погодуваше од сите страни, а со новиот гол на Манасков Македонија во 44. Минута поведе со 24-25. Нашето лево крило реализираше уште еден пенал, па на половина од второто полувреме нашата селекција прв пат поведе со два гола предност (24-26).

Исланд се врати и израмни на 28—28, а Брестовац на десет минути до крајот го повлече од игра голманот Ристовски, уфрлајќи го на голот Никола Митревски. Талески постигна два гола во серија, но на спротивната страна доби исклучување за направен пенал, по што Исланд израмни на 30-30, на седум минути до крајот. Палмарсон беше незадржлив, стигнувајќи до 12 гола на натпреварот, но Македонија во своите редови го имаше Талески, кој со нови два гола донесе ново израмнување (33-33) на две минути до крајот. Гудмундсон ја затресе гредата, па Македонија доби напад за победа во последната минута од овој драматичен натпревар. Брестовац побара тајмаут, судиите прерано кренаа рака за пасивен напад, потоа и ја одзедоа топката на нашите ракометари, па Исланд доби шанса за триумф.

И тогаш среќата ни се насмевна, Магнусон ја загуби топката, па потоа ја фрли топката во аут, по што според правилата доби директен црвен картон и беше досуден пенал за Македонија. Дејан Манасков шутираше беспрекорно од седум меетри цел натпревар, овојпат Густавсон му го одбрани седмерецот, но нашето лево крило од втор обид ја смести топката во мрежата, за конечни 33-34 и историски прв триумф на гостувањата против Исланд.

Манасков со осум гола беше прв стрелец на нашиот состав, седум постигна одличниот Георгиевски, шест Кире Лазаров, а пет Филип Талески.

Македонија в недела го пречекува Исланд, дуел на кој победа ќе значи и прво место во нашата квалификациска група.

Се вчитува...