На 16 август, на старото пристаниште во Охрид, после невремето, успешно се одржа второто издание на Red Bull Педалинка, уникатен спортски натпревар во кој тимови од четворица се натпреваруваат во возење на педалинки.
Како дел од програмата на Ohrid Water Festival, во водите на Охридското езеро повторно беа забележани голем број на педалинки кои учествуваа на најзабавната и највозбудливата водена летна трка.

На овогодинешното издание на Red Bull Педалинка, бевме сведоци на 18 креативно-иновативни тимови, кои трпеливо почекаа да се стабилизираат временските услови, за да можат да демонстрираат тактична спремност, координација, борбеност и тимски дух.
За комплетно уживање во овој несекојдневен настан, допринесе многубројната публика, кои несебично ја држеа атмосферата на завидно ниво со навивање и бодрење на своите омилени тимови, во придружба на добра музика и забава.

После невремето, тимовите успешно ги поминаа сите фази на трката, а првото место на второто издание на Red Bull Педалинка му припадна на тимот SQM Media кој се покажа како најдоминантен тим во оваа уникатна трка со педалинки. За овој подвиг, тимот SQM беше награден со 30.000 денари обезбедени од Halkbank AD Skopje, Wake the Lake искуство за 4ца и месечна залиха на Red Bull за секој член.
Второто место му припадна на тимот Културолошка Иницијатива 5 до 12, кој во последните мигови ја изгуби битката за првото место, но затоа членовите на овој тим ќе одат на авантура со SUP даски по Охридското езеро обезбедена од Paddle Klub и ќе добијат месечна залиха на Red Bull за секој член.

Титулата “Најкреативна маска” му припадна на тимот Аватар, кој доби 30.000 денари обезбедени од Halkbank AD Skopje и месечна залиха на Red Bull за секој член.
Исто така, новитетот за оваа година кај наградите, SUP даска Aqua Marina VAPOR 10’4″ од Intersport Macedonia по случаен избор му припадна на Димитар Поп-Стефанија од тимот Културолошка Иницијатива 5 до 12.
Како за крај, можеме да констатираме дека Red Bull Педалинка 2025 повторно ни приреди вистинско незаборавно искуство со голем број на возбудливи трки, голем број на креативни маски и непредвидливи пресврти.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

