Последна есенска епизода: Шкендија во тетовски клинч со Ренова, Вардар на гости кај Академија Пандев

На прагот на зимата, вообичаено, во Македонија фудбалерите одат на долг зимски распуст. Денешното 18. коло ќе биде и последна епизода во Првата фудбалска лига, и навистина не им е сеедно на екипите како ќе финишираат. Битката меѓу Шкендија и Вардар повторно се разгоре откако шампионот загуби дома од Академија Пандев и разликата се спушти на само три бода. Тимот на Ќатип Османи денеска го очекува тетовска пресметка со Ренова, а тој покрај веќе стандардно отсутните Ибраими, Жуниор и Радески, најверојатно нема да смета и на репрезентативецот Егзон Бејтулаи. Ќе мора да „крпи“ во одбраната, иако Шкендија сепак има широк ростер.

„Ќе мораме многу подобро отколку на минатиот натпревар со Академија Пандев. Сега тимот треба да го покаже вистинскиот карактер“, порачува Ќатип Османи.

Вардар оди на гости кај Академија Пандев, тимот кој во минатото коло ја „тресна“ Шкендија. Сигурно дека ќе го сака и скалпот на најтрофејниот клуб. „Вардарци“ исто така земаа залет со убедливиот триумф над Победа.

Интересно ќе биде и на арената „Филип Втори“, каде Работнички ќе го пречека Шкупи. „Романтичарите“ се во победнички налет, а Оливер Пеев очекува во истиот ритам тимот да продолжи се до крајот.

„Влеговме во посакуваниот ритам, се пронајдовме, и дојдоа и резултатите. Верувам дека можеме да продолжиме победнички до крајот на есента. Не очекува првенствениот дуел со Шкупи, а потоа и реваншот со Македонија ЃП во Купот. Самодовербата сега ни е многу поголема, и треба само да го задржиме истиот ритам. Шкупи е квалитетен тим, иако позицијата на табелата тоа можеби и не го отсликува најдобро. Ќе мора максимално да се потрудиме за да стигнеме до бодовите“, вели Оливер Пеев.

Виктор Ангелов го носеше дресот на Работнички, но сега е адут на Шкупи.

„На последниот натпревар создадовме многу шанси, и јас бев во дел од нив и требаше да реагирам зошто заслуживме победа. Верувам дека ќе продолжиме со позитивната серија и на „Филип Втори“, последните натпревари ги играме одлично. Почетокот на сезоната беше катастрофален, но со тек на времето учевме од тие грешки и од натпревар во натпревар сме се  подобри. Шкупи може многу повеќе во тоа сум стопроцентно уверен“, истакнува Виктор Ангелов.

Во Кратово, Силекс ќе ја пречека Беласица, додека Победа, со новиот тренер Јане Николоски, во Кичево ќе биде домаќин на Македонија ЃП.

ДВОЈКИ ПРВА ЛИГА, 18. КОЛО (13 Ч.)

РЕНОВА – ШКЕНДИЈА

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – ВАРДАР

РАБОТНИЧКИ – ШКУПИ

СИЛЕКС – БЕЛАСИЦА

ПОБЕДА – МАКЕДОНИЈА ЃП  

Се вчитува...