Последната победа над европска селекција на СП ни е пред 10 години, токму против Австрија

ЕКИПА во Вараждин,

Стеван Цаневски

Македонските ракометари денеска го почнуваат настапот во главната рунда од СП 2025, за ривал ја имаат селекцијата на Австрија за која нашиот национален тим ја врзува интересна симболика. Имено, Австрија е последниот ривал од Европа што нашите ракометари го имаат совладано на еден Мундијал, и тоа на СП 2015 што се одржа во Катар. Тогаш настапот во групната фаза го завршивме со триумф токму над Австрија, изразен со конечни 36-31, во меч во кој најефикасен беше Кире Лазаров со девет гола, шест погодоци постигна Миркуловски, а со четири нтпревароте го заврши Гоце Георгиевски.

По тој триумф над Австријците, во првиот дуел од нокаут фазата на СП 2015 во Катар загубивме од Словенија, по што следеше и наша серија на неуспешни резултати против европските селекции на светските шампионати.

Така, на СП 2017 во Франција двете победи ги забележавме над Тунис и Ангола, ремизиравме со Исланд, губејќи ги пресметките со Шпанија, Словенија и осминафиналето со селекцијата на Норвешка.

Две години подоцна бевме на СП во Германија предводени од Раул Гонзалес, ги победивме Јапонија и Бахреин, но загубивме од Шпанија, Исланд и од Хрватска, претрпувајќи пораз и во Президент купот од Русија.

На СП 2021 во Египет единствената победа ја забележавме над Чиле, додека претрпевме порази од Шведска, Египет, Словенија, Русија и од Белорусија.

Последното СП што го игравме во Краков мина лошо за нас, во групната фаза загубивме од Холандија, Норвешка и од Аргентина. Во Президент купот бевме успешни со победи над Алжир, Мароко и Јужна Кореја (во меѓувреме загубивме од Тунис).

Во последните десет години имаме само две реми против ривали од европскиот континент (годинава со Унгарија и во 2017 со Исланд), но време е таа „црна серија“ конечно да биде прекината. Зошто да не токму денеска против Австрија, селекцијата што последна од Европа ја имаме совладано на светските ракометни првенства.

Се вчитува...