Последни дуели: Манасков им дели „петки“ на Исланѓаните

Традицијата во пресрет на вечерашниот дуел меѓу Македонија и Исланд не им е наклонета на нашите ракометари, кои цели девет години не знаат за триумф над незгодниот ривал. Последната победа „црвено-жолтите“ ја забележаа во 2008 година, прв натпревар во СЦ „Борис Трајковски“ кога Исланѓаните „изгореа“ во скопскиот „вулкан“ за преубедлива победа на Македонија од 34-26, резултат што донесе пласман на мундијалот во Хрвтска во 2009 година.

Во последните години, мечеви на кои играле голем дел од актуелните репрезентативци на двете земји, поуспешни се Исланѓаните со две победи и едно реми, она јануарското на СП во Франција.

Дејан Манасков е нашиот ракометар кој покрај капитенот Лазаров игра на вообичаено високо ниво против овој противник, па на трите пресметки со Исланд левото крило редовно постигнува по пет погодоци.

СП 2017,  МАКЕДОНИЈА – ИСЛАНД   27-27

Дуелот што беше од огромно значење и за двете селекции од групата Б, на крајот заврши на задоволство и на нашите и на исландските ракометари. Со ремито Македонија го осигура третото место, а Исланд четвртата позиција која значеше учество во четвртфиналето. Колев ја имаше клучната интервенција за ова реми и со 13 одбрани беше меѓу најдобрите на натпреварот, додека во фазата на нападот најефикасни кај Македонија беа Лазаров со седум, Георгиевски со шест и Манасков со пет гола. Најдобар стрелец на Исланд беше Карасон со седум гола.

ЕП 2014, МАКЕДОНИЈА – ИСЛАНД    27-29

Дуел од втората групна фаза на Европското првенство што се одржа во Данска. За „црвено-жолтите“ успех беше самиот влез меѓу 12-те најдобри, па иако дадоа се од себе за изненадување сепак не успеаја да го совладаат Исланд.

Мечот почна со одлични 4-0 за Македонија, но потоа противникот ја презеде контролата и веќе пред крајот на полувремето си обезбеди предност од 8-11, за на одмор да се замине со 11-14. Исланд го контролираше резултатот, Македонија на четири минути до крајот се приближи со 26-27, но островската селекција на крајот сепак триумфураше со 27-29. Кире Лазаров беше прв стрелец со седум гола, пред Манасков и Георгиевски со по пет, додека најефикасен кај Исланд беше Сигурдсон со шест постигнати погодоци.

СП 2013, МАКЕДОНИЈА – ИСЛАНД     19-23

Меч одигран како дел од мундијалот во Шпанија, во кој нашата селекција влезе растоварено бидејќи по првите две кола и победите над Катар и Чиле си го обезбеди пласманот во осминафиналето. Првото полувреме мина во подобра игра на Исланѓаните, но нашите репрезентативци сепак успеаја да се вратат и да израмнат на 10-10. Сепак, противникот заигра подобро во вторите 30 минути, избраниците на селекторот Шундовски немаа одговор за цврстата одбрана на Исланд и мечот заслужено заврши со триумф на противничката селекција од 23-19.

Дејан Манасков беше прв стрелец на нашата репрезентација при овој пораз со пет постигнати гола, пред Кире Лазаров со четири погодоци.

Се вчитува...