Последните пет отворања на СП – фаворитите нe победуваат секогаш

Во пресрет на денешниот дуел меѓу Русија и Саудиска Арабија, мало потсетување на последните пет натпревари со кои беа отворени мундијалите. Пред четири години Бразил предводен од Нејмар ја совлада Хрватска, додека најголемото изненадување го приреди Сенегал во 2002 година, шокирајќи го тогашниот светски првак Франција.

СП 2014: БРАЗИЛ – ХРВАТСКА

„Кариоките“ на стартот од мундијалот пред четири години за ривал ја имаа Хрватска, по многу мака славејќи со 3-1. Марсело со автогол ги доведе Хрватите во водство, по што Нејмар со два гола донесе пресврт. Олиќ постигна гол за израмнување во финишот што беше сомнително поништен, пред Оскар во судиското продолжение да ги постави конечните 3-1.

СП 2010: ЈУЖНА АФРИКА – МЕКСИКО

Домаќинот Јужна Африка на стартот од второто полувреме поведе против Мексико со прекрасниот погодок на Шабалала, на огромна радост на домашните фанови. Теко Модисе имаше шанса да го реши победникот, но промаши зицер, за казната да стигне во 79. минута преку Рафа Маркез, кој погоди од близина за конечни 1-1.

СП 2006: ГЕРМАНИЈА – КОСТАРИКА

Најефикасен меч во историјата на премиерните натпревари на мундијалите, откако Германците славеа со 4-2. Филип Лам со прекрасен удар ја отвори серијата голови, потоа два пати меѓу стрелците се запиша Клосе, а точка на мечот со еврогол стави Торстен Фрингс. Двоен стрелец за Костарика на овој натпревар беше Пауло Вончоп.

СП 2002: ФРАНЦИЈА – СЕНЕГАЛ

Французите допатуваа во Јапонија и Јужна Кореја како актуелни светски прваци, но тотално разочараа не постигнувајќи ниту еден гол во трите натпревари од групната фаза. Фијаското беше најавено уште на отворањето, кога „триколорите“ беа шокирани со 0-1 од селекцијата на Сенегал, со голот на Диоп во првото полувреме.

СП 1998: БРАЗИЛ – ШКОТСКА

„Кариоките“ наидоа на сериозен отпор од Шкотска, па дури во самиот финиш успеаја да стигнат до победа од 2-1. Сампајо ги донесе Бразилците во водство по неполни пет минути игра, Шкотите израмнија од пенал, за фаворитот да стигне до цел плен благодарение на несреќниот автогол на Бојд во 74. минута.

Се вчитува...