Потоп и во Мемфис – Леброн се подалеку од плејофот

Леброн Џејмс пристигна во ЛА Лејкерс во обид да создаде победнички тим со кој би атакувал на највисок пласман, но како што стојат работите „езерџиите“ најверојатно ќе останат и без место во плејофот. ЛА Лејкерс синоќа гостуваа на тимот на Мемфис, кој важи за еден од најслабите во западната конференција, но „гризлите“ сепак им зедоа мерка на Леброн и соиграчите, совладувајќи ги со 110-105, четврти пораз за лејкерси во последните пет одиграни натпревари.

„Кралот Џејмс“ стигна до трипл-дабл од 24 поени, 12 скокови и 11 асистенции, но тотално потфрли во второто полувреме, во кое погоди само три од вкупно 13 упатени шутеви, притоа губејќи и три топки во нападот.

Големо чудо се случи во Мајами, каде домашниот тим загуби од Феникс со 121-124, резултат со кој „сонцата“ ја прекинаа црната серија од неверојатни 17 порази. Девин Букер со 20 поени беше најзаслужен за оваа победа на Феникс, додека Вајтсајд беше најефикасен кај Мајами со 29 поени при овој неочекуван пораз.

Голден Стејт рутински славеше на гостувањето против Шарлот со резултат 110-121, Кари постигна скромни 16 поени, но затоа во елемента за актуелниот првак беа Томпсон со 26 и Казинс со 24 поени и 11 скокови.

Резултати НБА: 

Шарлот – Голден Стејт 110-121, Кливленд – Портланд 110-123, Детроит – Индијана 113-109, Бруклин – Сан Антонио 101-85, Мајами – Феникс 121-124, Чикаго – Милвоки 106-117, Хјустон – Атланта 119-111, Мемфис – ЛА Лејкерс 110-105, Минесота – Сакраменто 112-105, Њу Орлеанс – Филаделфија 110-111, ЛА Клиперс – Далас 121-112.

Се вчитува...