Потоп на кошаркарките во Шведска

Женската кошаркарска репрезентација на Македонија го претрпе и вториот пораз од квалификациите за ЕП, овојпат на гостувањето против селекцијата на Шведска со резултат 91-51. „Црвено-жолтите“ девојки одиграа одлично само во првата четвртина, за потоа да дојде до голем пад во изданието на селекцијата предводена од Марјан Лазовски, па на крајот и убедлив пораз на првото гостување во овој квалификациски циклус.

Американката со македонски пасош Криси Гивенс одигра одлично во првиот период, во кој Македонија целосно парираше, а само поради падот на концентрација во финишот го загуби овој дел од мечот со 20-18. Во овој период Гивенс постигна десет, а Митрашиновиќ шест од вкупно 18-те поени на Македонија. Швеѓанките во вториот дел ја интензивираа одбраната, Македонија во првите шест минути постигна само два поени, а домаќинките стигнаа до двоцифрена позитива. Митрашиновиќ со тројка ја прекина серијата на противникот, но скандинавската селекција сепак замина на одмор со убедливи 43-30.

givens svedska

Нашата национална селекција подобро го стартуваше второто полувреме, се приближи на 45-37, но Митрашиновиќ влезе во проблеми со личните грешки, а по нејзиното излегување Швеѓанките нанижаа дванаесет поени во серија, успевајќи уште повеќе да се одлепат. Третата четвртина заврши со водство на домаќинките од 65-43, по што Шведска продолжи со доминацијата и во последните десет минути, за на крајот нашата национална селекција да го заврши мечот со убедлив пораз од 91-51.

Двоцифрен ефект во нашите редови имаа единствено Гивенс со 18 и Митрашиновиќ со 17 поени, а значаен фактор во убедливиот пораз беа и 26-те загубени топки на македонските репрезентативки на овој натпревар.

Квалификацискиот циклус продолжува на стартот од наредната година, најпрвин со домашниот натпревар против Хрватска закажан за 10 февруари, по кој следи гостувањето во Италија на 14 февруари.

Се вчитува...