Потоп на Работнички од Блокотехна

Блокотехна вторпат сезонава успева да го земе скалпот на шампионот Работнички, совладувајќи го актуелниот првак со убедливи 82-63. Скопскиот клуб требаше да биде домаќин на оваа средба, но поради неможноста да играт во „Градски парк“ тимот на Марин Докузовски денешниот меч го играше во салата „НОЕЛ“ во Гевгелија, каде Работнички мина идентично како и во првиот круг од прволигашкото натпреварување. Блокотехна водеше цел натпревар и заслужено стигна до триумф со кој направи уште еден чекор напред кон плејофот, додека за „центарци“ овој пораз значи оддалечување од првото место во пресрет на плејофот.

Почетните минути минаа во знакот на Николиќ, кој ги постигна првите седум поени за Блокотехна против својот поранешен клуб, носејќи водство од 7-2. Блоко поведе и со 11-4, Докузовски не побара тајмаут, но неговиот тим за момент се врати во мечот намалувајќи на 11-9. Американецот Фундербург направи разлика во финишот од четвртината, па Блоко го доби почениот период со девет поени предност (22-13). „Црвено-белите“ успеаја да се вратат откако во ритам влезе Вашингтон, но тимот од Гевгелија го зададе последниот удар во полувремето, повторно преку Фундербург и на одмор замина со предност од 43-32.

Третата четвртина ја одбележа фуриозниот старт на Блокотехна, па гевгеличани преводени од Блокотехна стигнаа до дури 23 поени разлика (55-32). Сепак, Работнички не би бил она што е во мак-баскетот ако актуелниот првак не најдеше начин да се врати. Скопскиот клуб до крајот на четвртината намали на 61-48, а потоа со фуриозна игра на стартот од последниот период намали на само пет поени разлика (61-56). Блокотехна речиси пет минути беше без постигнати поени, за „постот“ да го прекине Младеновиќ со тројка. Завршниот удар го зададе Американецот Пен, разликата повторно стана двоцифрена, па Блоко на крајот заслужено триумфираше со конечни 82-63.

Фундербург со 32 поени беше главен играч на овој натпревар, Глигоријевиќ постигна 16 поени и осум скокови, додека плејмејкерот Младеновиќ постигна пет поени, но имаше и 16 асистенции. Кај Работнички најефикасни при денешниот пораз беа Вашингтон со 25 и Стајиќ со 10 постигнати поени.

Се вчитува...