Потоп во Белорусија: Што се случува со Вардар?

Вардар влегува во „дупка“ во Лигата на шампионите, откако актуелниот европски првак го претрпе и вториот пораз во низа, вкупно четврти во елитното европско натпреварување сезонава. По Кил, Веспрем и Киелце, денеска скалпот на „црвено-црните“ го зедоа и ракометарите на Мешков Брест, кои ги совладаа „вардарци“ со убедливи 31-22. Конечниот исход не е реална слика со оглед на фактот дека на помалку од десет минути до крајот Вардар имаше само еден гол негатива, но самиот пораз е доволен знак за аларм дека нешто сериозно се случува во таборот на македонскиот шампион. Згора на тоа, повратникот Даинис Криштопанс ја обнови повредата во второто полувреме, па големи се шансите тој да не се врати на терените до крајот на годинава.

Првото полувреме мина во апсолутно израмнета игра, во која двата тима се менуваа во водство. Стојанче Стоилов беше незапирлив и постигна пет погодоци во првите 30 минути игра, додека голманот Пешиќ умешно успеа да ги неутрализира останатите „оружја“ на актуелниот европски првак. „Вардарци“ пред крајот на полувремето поведоа со 11-13, нивно најубедливо водство на мечот, но Мешков намали на 12-13, а потоа и изнуди исклучување од Криштопанс буквално во последната секунда од полувремето.

Отсуството на „џинот“ на Вардар во првите две минути од вториот дел беа максимално искористени од домашниот тим, кој набрзина не само што израмни, туку стигна и до предност од два гола (15-13). Проблемите уште повеќе се зголемија по второто исклучување на Калараш, по кое Мешков постигна гол во празна мрежа за прво водство од три погодоци (19-16). Главоболките уште повеќе се зголемија во 45. минута, кога Криштопанс повторно се пожали на повреда на скочниот зглоб и мораше да го напушти теренот за да му биде укажана лекарска помош. Сепак, Вардар благодарение на цврстата одбрана одлично го одигра овој период од мечот, намалувајќи на 20-19.

Домашниот стратег побара тајмаут, а веднаш потоа Мешков направи серија од 2-0, па дојде ред Кокшаров да побара минута одмор, при негатива на Вардар од 22-19. „Црвено-црните“ одговорија со свои два гола во низа, по што се влезе во неизвесна завршница.  Кокшаров го внесе и Кизиќ на голот, но младиот чувар на мрежата овојпат го немаше посакуваниот ефект како на последните неколку средби. Мешков одигра одлично во завршните десет минути, згора на тоа го имаше и извонредниот Пешиќ на голот, па белорускиот првак успеа да се одлепи, поведувајќи со 27-22 на пет минути до крајот. „Вардарци“ делуваа шокирано, а домаќинот го искористи тоа за уште повеќе да ја зголеми предноста до конечните 31-22, за своја втора победа во ЛШ сезонава, четврти пораз на Вардар во групната фаза.

Стоилов со шеста гола беше најефикасен во таборот на „црвено–црните“, додека по четири погодоци постигнаа Дибиров и Атман. Десното крило Ваилипау беше незапирлив постигнувајќи 12 гола за Мешков Брест на овој натпревар.

Се вчитува...