Потоп во Виена: Галија ја турна Македонија до работ од амбисот

ЕКИПА во Виена,

Стеван Цаневски

Македонија претрпе пораз во второто коло од групата Б на ЕП во Виена, откако нашите ракометари капитулираа во пресметката со Чешка (27-25). Клучно беше катастрофалното второ полувреме, во кое Чесите негативата од два гола од првиот дел експресно ја претворија во своја предност, што потоа знаеја како да ја сочуваат до самиот крај. „Црвено-жолтите“ се вратија и стигнаа до израмнување, но немаа сили за целосен пресврт. Македонија целосно потфрли во нападот, а најзаслужен за овој чешки триумф беше голманот Галија, кој со серија извонредни интервенции ги исфрли од ритам нашите ракометари во вторите 30 минути. Првото полувреме го добивме со цврста одбрана, но во вториот дел не функционираше ниту дефанзивната зона, па неуспехот беше неизбежен. Со денешниот порааз нашите шанси за следниот круг сериозно се намалуваат, бидејќи ќе мора да се брка победа во последното коло против домаќинот Австрија.

Македонија го почна натпреварот со Борко Ристовски на голот, а по исклучувањето на Талески во првиот напад на Чесите, во игра влезе Мишевски и прикажа одличен настап во својот дебитантски настап на еден европски шампионат. Чесите имаа две минимални водство од 2-3 и 4-5, но Македонија набрзина се врати и го контролираше резултатот до крајот на полувремето. Наш проблем повторно беше реализацијата кога имавме ракометар повеќе на теренот, за осум минути постигнавме само два погодоци, но благодарение на головите на Кузмановски и на Талески на одмор заминавме со предност од 11-9.

Чесите тргнаа помоќно на стартот од вториот дел и набрзина израмнија на 12-12, по еден прекршок над Манасков што судиите пд Шведска не го санкционираа. Следеше загубена топка на Кузмановски, по што Кашпарек со проектил од девет метри донесе водство на противникот од 12-13. Галија со неколку интервенции го исфрли од ритам нашиот напад, а Брестовац зеде тајмаут дури откако Чешка поведе со 12-14, постигнувајќи пет гола за неполни шест минути игра во второто полувреме.

И веднаш по тајмаутот повторно неуспешен обид за цепелин, по кој противникот дојде и до „плус три“, по што Брестовац на голот го уфрли Митревски на местото на Борко Ристовски, кој имаше три интервенции до 37. минута. Лазаров ја прекина серијата на Чешка со среќен гол низ нозете на Галија, а веднаш потоа капитенот беше прецизен уште еднаш, овојпат од контранапад (14-15). При овој резултат не искорисивме напад за изрманување (Манасков го погоди дирекот), а немавме среќа ниту една минута подоцна, кога шутот на Танкоски заврши во гредата. Галија му одбрани уште еден шут на Талески, додека Кашпарек беше незапирлив на спротивната страна, со нов гол на десниот бек на Чесите за водство од 14-17.

Пешевски промаши зицер од шест метри на 16-18, Чешка контролираше се до 22-18, пред Македонија конечно да влезе во ритам и со серија од три гола да намали на 22-21. Манасков украде топка во одбраната, а потоа од бековска позиција израмни на 22-22, за тотална еуфорија меѓу македонските фанови во „Штадхале“. Игравме израмнето се до 24-24, а тогаш Чешка поведе, а Македонија не искористи зицер преку Никола Маркоски, по што Чесите ја запечатија победата со голот на Здрахала, кој го совлада Борко Ристовски. Лазаров намали на 25-26 на неполна минута до крајот, но Хрстка постигна уште еден погодок за конечни 27-25.

Овој пораз сериозно ги компликува работите, бидејќи сега за пласман во следната рунда ќе мора во вторник да се совлада домаќинот Австрија.

Се вчитува...