Карлос Кордеиро, виш советник на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, поднесе оставка само еден ден откако континенталните фудбалски конфедерации го осудија предлогот на светската куќа на фудбалот за формирање компанија што ќе управува со Светското првенство, а чиј удел би бил понуден на продажба на инвеститори.
Кордеиро, кој има богато искуство во корпоративното и инвестициското банкарство во Европа, Блискиот Исток, Африка и Азија, беше дел од најтесниот круг на соработници на Инфантино. Пред да стане претседател на Фудбалската федерација на САД, работеше како потпретседател во инвестициската банка „Голдман Сакс“.
Во образложението за својата одлука, Кордеиро остро се спротивстави на идејата ФИФА да продаде дел од сопственоста врз своето највредно натпреварување.
„Не можам да стојам настрана додека ФИФА размислува да го продаде својот удел во Светското првенство. Продажбата на траен удел во највредниот имот на фудбалот за да се соберат 4,2 милијарди долари нема смисла. Тоа е хипотека на иднината на фудбалот без никакво убедливо оправдување“, порача Кордеиро.
Неговата оставка доаѓа во чувствителен момент за ФИФА, бидејќи предлогот за комерцијализација на Светското првенство предизвика силни реакции во фудбалската јавност и кај континенталните конфедерации, кои сметаат дека ваквиот потег би можел долгорочно да ја загрози независноста и финансиската стабилност на најпрестижното репрезентативно натпреварување во светот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
