Потврда и од Вардар: Со Атман потпиша и „руски џин“

Вардар денеска официјализираше уште два трансфери, заедно со Павел Атман комплетирајќи го ангажманот на уште еден руски репрезентативец, Сергеј Горпишин. Станува збор за 21-годишен пивот кој доаѓа од бундеслигашот Ерланген и кој ќе претставува замена за Калараш, кој кариерата ја продолжи во дресот на Мотор.

„Полека се формира тимот со кој следната сезона ќе играме во одбрана на шампионскиот трофеј. Горпишин е млад и талентиран играч кој веќе зад себе има и интернационално искуство. Добивме многу позитивни препораки за него, го следевме неговиот развој и веруваме дека брзо ќе се вклопи со екипата и ќе биде дел од новиот тим што повторно ќе биде меѓу сериозните кандидати за висок пласман во ЛШ и СЕХА лигата. Павел Атман го познаваме сите и тој со своето искуство и квалитет секако ќе придонесе Вардар да биде подеднакво силен на бековската линија и во иднина“, изјави Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.

„Црвено-црните“ претходно во текот на вчерашниот ден го официјализираа и ангажманот на летонскиот голман Артурс Кугис.

Се вчитува...