Потврдено: Рајт ќе игра за Македонија, пасошот му помогна за трансфер во Барса

Македонската кошаркарска репрезентација во иднина ќе биде засилена за звучно евролигашко име откако е завршена процедурата за доделување на пасош на Мозес Рајт, асот на Жалгирис кој летово ќе ја продолжи кариерата во редовите на Барселона.

ЕКИПА уште пред еден месец објави дека Рајт е изборот за нов центар на нашиот национален тим, дека процедурата за доделување на пасош е во завршна фаза, во меѓувреме целата бирократска постапка е завршена, по што одличниот кошаркар веќе нема пречка да го облече дресот на Македонија.

Информацијата денеска беше потврдена и од каталонските медиуми, откако „Мундо Депортиво“ објави дека Рајт со добивањето на македонско пасош остава простор за засилување плус за Барса од неевропските држави, нешто што е многу важно за каталонскиот гигант во обид да создаде конкурентен ростер за наредната сезона.

Македонија во претстојните претквалификации за ЕП 2029 ќе настапи со Стјуарт како странски кошаркар, но се очекува Рајт да дебитира на стартот на главните квалификации закажан за месец август.

Се вчитува...