Потврдено: Украина без најдобриот ракометар на ЕП 2020

Украина ќе биде сериозно ослабена за претстојниот европски шампионат во ракомет, со оглед на неиграњето на Сергеј Онуфриенко. Најдобриот украински ракометар веќе извесно време е повреден, а селекторот Бебешко денеска само потврди дека шансите за негов настап на првенството во Австрија се сведени на теорија.

„Го доставивме поширокиот список на играчи за ЕП во јануари. Онуфриенко ќе биде опериран на 15 ноември во Бордо. Според локалниот хирург, тој би можел да почне со тренинзи на крајот од месец декември. Сепак, ако се знае дека осум месеци нема тренирано, јасно е дека негов настап на шампионатот би бил преголем ризик, а јас не сакам да ризикувам со здравјето на моите ракометари“ – истакна Бебешко.

Станува збор за врвен десен бек, позиција на која Бебешко нема премногу солуции, па најверојатно ќе мора да игра со шутер со десната рака и на тој дел од тимот, а селекторот како опција го споменува Остроушко од екипата на Работник.

„Владислав Донцов е една опција, иако не сум задоволен од неговата игра на контролите со Тунис. Се молиме да остане здрав бидејќи и тој ги пропушти последните две средби. Голема е веројатноста дека ќе играме со шутер со десна рака и на таа позиција од тимот, Остроушко и Жуков ги користевме во бројни ситуации досега“ – вели украинскиот селектор.

Украина ќе биде прв ривал на Македонија на ЕП 2020 во Виена, меч закажан за 10 јануари. Нашите ракометари потоа ќе се сретнат со Чешка и со Австрија, а најдобрите две селекции од групата ќе се пласираат во следната фаза од шампионатот.

Се вчитува...