Историјата е испишана. Новак Ѓоковиќ со 24-та грандслем титула и дефинитивно покажа дека е најголемиот тенисер на сите времиња, ако не и спортист воопшто. Но, трофеите, рекордите, историските факти се како зрнце неважни во однос на моментите по синоќешната победа над Медведев во финалето на УС Опен кои Ѓоковиќ ги презентираше пред светот.
Веднаш по победата Ноле се упати кон ќеркичката Тара која за време на целиот натпревар беше надвор од боксот каде беа сместени тимот на Ѓоковиќ, родителите и неговата сопруга, а веднаш зад неговата клупа. Ја прегрна Ѓоковиќ својата Тара не можејќи да ги скроти солзите, покажувајќи дека апсолутно ниту еден трофеј не е важен како „трофејот“ кој во тие моменти го имаше во своите раце – ќеркичката Тара. Апсолутно ништо не е поважно од семејството!
„Може да верувате може не, но кога во вториот сет имав огромна криза, почувствува сериозен замор, тогаш некако постојано од зад клупата го слушав нејзиниот мил глас – ‘ајде тато’. Верувале или не, и тоа точно во оние клучни моменти кога помислував дека веќе не можам, како некој најискусен тренер таа точно знаеше во кој момент да ми испрати порака или знак со тупаница од рачето. А, има само шест години… Тоа е таа неверојатно енергија“ – рече по мечот Ѓоковиќ.
Тоа е таа неверојатно енергија која Ѓоковиќ ја добива да биде најдобар, да го добие на велемајсторски начин мечевите со далеку помладите и да покаже колку сака да биде, пред се, гордост за своите деца!
А, од УС Опен, секако ќе остане запишана најемотивната фотографија од ова негово издание – 2023!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА