Повреда во последен час ја одложи одлуката на Раул

Селекторот Раул Гонзалес требаше на крајот од вечерашниот тренинг да го соопшти конечниот список на патници за Минхен, но таа одлука беше одложена откако еден од помладите ракометари кои требаше да се најдат на списокот заработи повреда.

Станува збор за Димитар Димитриоски, капитенот на Металург кој треба да биде резервна опција за Дејан Манасков на позицијата лево крило. Тој настрада за време на вечерашниот тренинг, жалејќи се на болка во скочниот зглоб, по што експресно е пренесен на детални прегледи.

„Ситуацијата е таква да мораме да почекаме уште кратко време. Се надеваме дека се е во најдобар ред со Димитриоски, затоа и ќе почекаме до резултатите од прегледите пред да го соопштиме конечниот список“ – изјавија од таборот на македонската репрезентација.

Најавено е дека од списокот би требало да отпаднат пивотот Лазаревски и голманот Томовски, но по повредата на Димитриоски може да дојде до промена на ваквата одлука.

Нашите ракометари рано утрово преку Загреб ќе летаат за Минхен, за да имаат два дена за адаптација во новата средина, каде од петок ќе ги почнат настапите во групата Б од СП 2019.

Се вчитува...