Повредата на Пандев не е сериозна

Горан Пандев не е посериозно повреден и наскоро ќе може да се врати на терените, а неговото учество на дуелот меѓу Македонија и Косово не е доведено во прашање со повредата што ја заработи на вчерашниот дуел против Болоња.

Македонскиот капитен мораше да биде заменет во 12. минута жалејќи се на болка во пределот на коленото, но за среќа деталните прегледи не утврдиле посериозен проблем. Пандев има оток, но лекарите се оптимисти дека неговиот камбек на терените ќе биде експресен. И самиот Македонец во изјава за „Скај Спортс“ во второто полувреме во Болоња прокоментирал дека се чувствува многу подобро, отстранувајќи ги стравувањата за подолга пауза.

Џенова во следното коло ќе го пречека Лацио, а лекарскиот тим на Џенова е оптимист дека Пандев би можел да се рехабилитира целосно и да настапи против својот поранешен клуб.

Се вчитува...