Познати четвртфиналните двојки за ЛШ: ПСЖ си закажа мега-пресметка со Кил

Со одигрувањето на дуелот меѓу ПСЖ и Целје и официјално беше завршена осминафиналната фаза од Лигата на Шампионите, по што се познати осумте екипи кои ќе водат битка за четирите места на фајналфор турнирот во Келн. „Светците“ рутински славеа и на реваншот со Целје, овојпат со 31-23 (Нахи со седум и Ремили со пет гола беа најефикасни кај францускиот шампион), како загревање за четвртфиналниот двомеч со европскиот првак Кил.

Кире Лазаров и Нант приредија сензација со елиминацијата на Киелце, по што македонскиот капитен по рекорден 17. пат ќе биде дел од четвртфиналето во елитното европско натпреварување. Лазаров и соиграчите таму ги очекува нов тежок предизвик, двомеч со Веспрем, откако унгарскиот гигант во два меча го збриша Вардар.

Барселона не би требало да има проблеми во пресметките со Брест Мешков, откако белорускиот првак денеска го елиминираше Мотор од натамошното натпреварување.

Во последната четвртфинална двојка Алборг по драматичниот триумф над Порто ќе се сретне со Фленсбург, кој без борба се пласираше во оваа рунда поради големиот број на заразени ракометари во тимот на Загреб.

Се вчитува...