Во голема мера веќе познати носителите за баражот: Шкотска е нашиот ривал од соништата!

Македонската репрезентација вечерва ќе ги дознае имињата на противниците кои ќе стојат на патот на избраниците на селекторот Милевски до остварувањето на големиот сон – пласман на СП 2022 во Катар. Како што е веќе познато, овојпат и самиот бараж ќе има поинаков формат, па 12-те селекции (десетте второпласирани од квалификациите, плус најдобрите два победници во Лигата на Нации кои немаат обезбедено пласман) ќе бидат поделени во три групи од по четири селекции. Во секоја од групите ќе се игра полуфинале, потоа и финале, по што победникот ќе стигне до билет за Катар.

Она што е повеќе од јасно е дека Македонија ќе ја има улогата на неносител во ждрепката. При извлекувањето на групите за баражот нема во предвид да се зема рејтингот на репрезентациите, туку бројот на освоени бодови во текот на квалификациите (минус оние бодови со аутсајдерите во групите од шест селекции, бидејќи имаше и групи со по пет репрезентации).

Веќе е начелно познато и кои ќе бидат потенцијалните ривали на Македонија, бидејќи четири репрезентации сигурно ќе ја имаат улогата на носители, и тоа европските гиганти Италија и Португалија, како и селекциите на Русија и на Шкотска. Во моментов по бројот на бодови зад Русите се Шведска со 15 и  Полска со 14 бодови, но овие две селекции би можеле да се преселат меѓу неносителите. Ова особено се однесува на Полјаците, кои треба да се надеваат дека Велс ќе загуби дома од Белгија, но и дека Турција нема да ја совлада Црна Гора, за да останат на шестото место на листата на носители.

Преку Лигата на Нации според актуелниот формат во баражот би требало да се вклучат Австрија и Чешка, но овие две селекции ќе се најдат во групата на неносители, заедно со Македонија.

Од „менито“ што се наоѓа пред нашите фудбалери, јасно е дека целокупната македонска јавност би ја избрала Шкотска како прв ривал во баражот. Станува збор за селекција што до ЕВРО 2020 имаше долг пост од големите натпреварувања, но што исто како и Македонија игра се подобро од натпревар во натпревар. Шкотите воопшто не се наивен ривал, но оваа репрезентација е една од оние со кои можеме да играме и да ги победиме, па да се најдеме во бараж-финалето, на тој последен чекор за пласман на СП 2022.

Се вчитува...