Познати сите четвртфиналиња: Отвораат Словенија – Латвија и Шпанија – Германија

Со убедливата победа на Русија над Хрватска и дефинитивно се познати осумте четвртфиналисти на Евробаскет 2017, како и двојките за следната фаза од овој шампионат.

Словенија, која има максимални шест победи на ЕП, ја очекува нов тежок предизвик во пресметката против Латвија. Тоа воедно ќе биде и првиот четвртфинален натпревар, закажан за вторник, а кошаркарските фанови ширум Европа ќе можат да уживаат во мајсториите на Дончиќ од едната и Порзингис од другата страна, од кои во голема мера ќе зависи победникот на овој дуел.

Покрај мечот Словенија – Латвија, во вторник на програмата ќе биде и пресметката меѓу Германија и Шпанија. Германците во осминафиналето го изненадија фаворитот Франција, но јасно е дека овојпат предизвикот ќе биде уште поголем бидејќи Шпанците важат за главни кандидати за златниот медал на Евробаскет 2017.

В среда на програмата ќе бидат преостанатите два дуели од четвртфиналето, Грција ќе се сретне со Русија, додека Србија ќе ја има фаворитската улога против Италија.

Се вчитува...