Познатиот трансфер гуру ја заглави Рома „до гуша“

Рамон Вердехо Мончи, спортскиот директор на Рома, пред почетокот на оваа сезона беше пречекан како „чудотворецот на трансфер пазарот“, но летните засилувања на „волчицата“ се покажаа како тотални промашувања, не само на квалитет, туку гледано и од финансиска перспектива.

Рома вчера ги откупи договорите на Патрик Шик и Грегоар Дефрел за 63 милиони евра, трансфери за кои беа обврзани да ги исплатат, но двајцата напаѓачи не придонесоа многу за клубот во овие неколку месеци. Чехот и Французинот одиграа вкупно 30 натпревари на кои постигнаа само два погодоци, единствено што придонесоа за клубот повторно да биде во финансиска загуба во една календарска година.

Целокупниот летен „шопинг“ го доведе клубот до финансиска загуба 40 милиони евра во 2017 година, иако од „Олимпико“ си заминаа Салах, Рудигер, Паредес, Емерсон и Думбија за околу 125 милиони евра. Иако има напредок во однос на 2016 година кога Рома имаше загуба од 53 милиони евра, но тоа е бидејќи играа во групната фаза од Лигата на шампиони и успеаја да се пласираат во нокаут рундата, па затоа и заработката е поголема во однос на настапот во Лигата на Европа пред една сезона.

Ги намалија и трошоците на плати, исто така се ослободија од голем број играчи кои не беа доволно квалитетни да играат за првиот тим, но во секој случај, скапо ги чинат трансферите кои беа претставени како „големи“ засилувања. Покрај Дефрел и Шик, од Феенорд го купија десниот бек Рик Карсдорп за речиси 15 милиони евра, а Холанѓанецот се уште ги нема покажано квалитетите бидејќи се опоравува од тешка повреда. Хектор Морено го доведоа за шест милиони евра, но веќе во јануари го напушти клубот за истата сума, па неговиот ангажман не влијаеше врз буџетот.

На лето ќе следи нова „чистка“, Мончи планира да ги продаде Џеко и Наинголан, а со минимални средства да го подмлади тимот, и да го поправи впечатокот како и репутацијата која ја носи од времето кога раководеше со Севилја, бидејќи оваа сезона воопшто не ја оправда титулата „трансфер гуру“.

 

Се вчитува...