ППД Загреб го сака Мартин Серафимов?

Хрватскиот шампион ППД Загреб заинтересиран е во своите редови да го донесе најголемиот македонски талент, 19-годишниот десен бек на Металург и на македонската репрезентација, Мартин Серафимов.

Настапите на десниот бек на Металург во СЕХА и во Лигата на шампионите, како и неговата игра во младинската и во кадетската репрезентација на Македонија, не останаа незабележани од оние кои знаат да препознаат голем потенцијал. Серафимов се најде и на списокот на селекторот Раул Гонзалес за претстојното СП во Германија и Данска. Во своето сениорско деби младиот бек постигна два гола во контролниот меч против Србија.

Мартин Серафимов по талентот и стилот, многу потсетува на најдобриот македонски ракометар, Кире Лазаров со кого ја дели и истата позиција на терен. Своевремено, Загреб беше првата станица и во интернационалната кариера на Кире Лазаров кој на приближно иста возраст од Пелистер се пресели во редовите на хрватскиот шампион.

Дваесетина години подоцна, приказната може да се повтори.

На тренерската позиција во ППД Загреб од пред некој ден официјално е Словенецот Бранко Тамше кој на клупата го наследи Лино Червар. Тамше поголем дел од кариерата ја помина во Целје и важи за еден од најдобрите ракометни стручњаци во работата со младите талентирани ракометари.

Се вчитува...