Правилата на Биелса: Алиоски и соиграчите собираа ѓубре за да научат да ги ценат навивачите

Марсело Биелса го прифати предизвикот да работи во Чемпионшип-дивизијата со тимот на Лидс, но веднаш им стави до знаење на сите во клубот дека ќе се функционира по негови правила.

Една од најважните работи за Биелса е да се создаде силна врска меѓу навивачите и фудбалерите, па токму затоа тој за време на подготовките ги натера своите избраници неколку часа да собираат ѓубре во и околу тренинг-кампот каде нашиот Езгијан Алиоски и неговите соиграчи работеа напорно минатиот месец.

„Навивачите ги ценат и ги бодрат играчите, но Биелса сакаше да им покаже на фудбалерите колку напорно работат некои луѓе, притоа заработуваат премалку пари и истите ги трошат за влезници за да навиваат за Лидс. Играчите го почитуваа ставот на тренерот, без збор одработеа. Дознаа и навивачите, кои знаеја како да го ценат ваквиот гест“ – потврдија од управата на Лидс.

Новата сезона во Чемпионшип-дивизијата стартуваше токму овој викенд, па останува да се види колку тимскиот дух ќе му помогне на Лидс во обидот овој тим да се врати во англиската фудбалска елита.

Се вчитува...