Преговори Наполи – Икарди: Што му побара Ванда Нара на Де Лаурентис?

Наполи неколку години наназад го освојува второто место во „Серија А“, па претседателот Аурелио де Лаурентис е решен летово да состави тим со кој сериозно ќе се носи со Јувентус во трката за скудетото. Елмас е еден од ретките успешно завршени трансфери, „наполитанците“ извисија во обидите за ангажман на Пепе и на Хамес Родригез, па сега вниманието целосно го насочија кон Мауро Икарди.

Проблем за Наполи е што Икарди веќе има „дил“ со Јувентус, но „сино-белите“ шансата ја гледаат во фактот дека Интер не сака да го продаде својот поранешен капитен на „старата дама“. Веќе се водени неколку рунди разговори меѓу „наполитанците“ и Ванда Нара, но сопругата на голгетерот јасно ставила до знаење дека не е задоволна од понудата. Имено, Наполи му нуди на Мауро плата од шест милиони евра годишно плус бонуси, што не е ниту премногу повисока од она што го зема во Интер (5,3 милиони евра по сезона).

Јувентус има „дил“ за седум милиони евра годишно, па Ванда Нара му испратила јасна порака на Де Лаурентис – ако сака да го доведе Икарди ќе треба да му понуди еден милион евра повисока плата од она што го даваат „црно-белите“ од Торино.

На потег е првиот човек на Наполи, кој ќе треба да се договори и со Интер откако „нероаѕурите“ објавија дека очекуваат 80 милиони евра од продажбата на Аргентинецот.

Се вчитува...