Прекин на одбојкарската сезона без прогласување шампион

Првенствата од домашниот одбојкарски шампионат сепак нема да продолжат и нема да бидат прогласени шампиони во машка и во женска конкуренција. Со оглед на последните состојби со коронавирусот во државава, Федерацијата и клубовите се на став дека услови за комплетирање на сезоната нема. Со оглед на ова, клубовите се согласиле со предлогот на Извршниот одбор на ОФМ, првенствата да бидат прекинати и во предвид околу распоредот на конечната табела и евентуалните настапи на европска сцена да бидат земени постигнатите резултати до моментот на прекинот во март.

Клубовите генерално го поддржаа предлогот на Извршниот одбор на Одбојкарската федерација на Македонија за завршување на натпреварувачката сезона 2019/2020 во сите категории, притоа без да бидат прогласени шампиони. На денешниот интернет состанок сите едногласно ја прифатија оценката дека поради здравствената состојба со болеста COVID-19, не постојат услови за продолжување на лигашките и на куп средбите, без оглед на желбата кај повеќето од нив првенствата да продолжат и одлуките да бидат донесени на спортскиот терен.

Според предлогот на Извршниот одбор, за којшто клубовите денеска дадоа зелено светло, резултатите од постигнатите натпревари во сезоната ќе бидат земени предвид и врз основа на нив ќе биде натправена ранг-листа за пријавување на екипите за евентуалните настапи во европските купови. Тоа ќе биде сторено и во младинска конкуренција. Иако освојувачот на ланската титула Џио Струмица изрази мислење дека сезоната треба да биде целосно поништена, а со тоа да важат резултатите од натпреварувачката 2018/2019, а ОК Вардар сметаше дека треба да има прогласување шампион, голем број од клубовите се согласија со изворниот предлог на ОФМ.

Судбината на првенствата кај нас деновиве треба да ја донесе Извршниот одбор на Одбојкарската федерација на Македонија, којшто според Статутот, има право самостојно да решава за промена на системот на натпревари и да носи решенија во вакви, вонредни, околности.

Потсетување, по одигрување на четири кола од Втората фаза во сениорските лиги, водечки беа екипите на Вардар. Кај мажите, втор беше составот на Џио Струмица, трет Универзитет во Тетово, а четврта Лирија, додека кај дамите, зад одбојкарките на Вардар се наоѓаше ланскиот првак Работнички Скопје, а во првиот квартет беа и Наковски волеј и Струмица жени“ – стои во официјалната информација од Одбојкарската федерација на Македонија.

Се вчитува...