Премиер-лига со преноси во живо на „Фејсбук“

Натпревари од англиската Премиер-лига од сезоната 2019/2020 ќе можат да се следат во директни преноси и на „Фејсбук“ откако американската компанија плати огромни 200 милиони фунти за да биде ексклузивен застапник за интернет-правата за азискиот пазар во наредните три сезони.

Британските медиуми обелоденија дека договорот е веќе потпишан и ќе стартува со почетокот на наредната сезона, од август 2019 година, со преноси што ќе може да се следат во Тајланд, Виетнам, Камбоџа и Лаос, а потоа би можеле да се прошират и на останатите земји од овој континент.

БЕИН Спортс ги има ексклузивните ТВ права за Азија, но во „Фејсбук“ се надеваат дека ова е прв чекор за освојување на огромниот пазар.

Ова во секој случај значи уште поголемо збогување на буџетот на Премиер-лигата, од кој дел се слева и на сметките на клубовите.

Само за потсетување, во февруари телевизиите „Скај“ и „БТ“ платија вкупно 4,46 милијарди фунти за ТВ-правата во периодот од 2019 до 2022 година. „БТ“ ќе пренесува во живо 52 натпревари, додека „Скај“ ќе врши преноси од вкупно 128 средби од Премиер-лигата.

Се вчитува...