ПРЕСИНГ: „Роналдо и Меси мислат дека со нив почнал фудбалот и со нив ќе заврши… Ма, дајте бре! А, знаете каде се тие зад Пеле и Марадона…!?“ (ВИДЕО)

Во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК гостува едно од најголемите македонски фудбалски имиња во историјата, Вујадин Станојковиќ, еден од само тројцата Македонци кои во историјата настапиле на светско првенство.

Низ повеќе од возбудливиот, интересен разговор за „ПРЕСИНГ“, Станојковиќ во анализата на штотукузавршеното Светско првенство 2026, се осврнува и на најголемите ѕвезди на денешницата Кристијано Роналдо и Лионел Меси.

Според Станојковиќ и двајцата веќе одамна требаше да се пензионираат од репрезентативниот фудбал, а не да бидат товар за своите репрезентации. Но, и Роналдо и Меси, како што вели популарниот Вујо, „се убиени од егоизмот. И двајцата мислат дека со нив почнал фудбалот и со нив ќе заврши“.

„Мислам дека има премногу тенденција и премногу субјективизам кај денешните фудбалски аналитичари. Па, не можеш ти една Шпанија да ја отпишеш, еден тим кој функционира. Тим, буквално тим во кој нема ѕвезди или поединци, туку целиот тим функционира. И, сега Родри не заслужува признание за најдобар фудбалер на светското првенство, а Меси заслужува. Каде тоа?“ – вели Станојковиќ во „ПРЕСИНГ“, според кого најдобар фудбалер во историјата е Пеле, а потоа Марадона.

„И сега да не се лажеме, за мене во историјата најдобриот фудбалер е Пеле, па Марадона, па Меси и Роналдо се знаеш каде?… Ех, таму некаде. А, зошто ги забораваме Јохан Кројф? Зошто Бекенбауер? А, нашите? Вукотиќ, Драган Џајиќ, Дарко Панчев во ново време, Пикси, еден Платини, еден Загало, еден Гаринча, Диди, Вава, еден Зико, Роналдо Назарио. Зошто тие ги забораваме?“

Според Станојковиќ, Кристијано Роналдо и Лионел Меси веќе треба да заминат во пензија а не упорно себе си да се ставаат пред тимот…

„Ротацијата, полека. Старите си одат, младите доаѓаат. Не може ти Роналдо со четириесет години веќе да играш фудбал. Не можеш ти Меси да играш. Не може ти Модриќ… Секоја чест. Капа доле, капа доле. Но, зошто не застанете кога си на врв? Зидан што направи? Се повлече кога беше на врвот. Едноставно, луѓето мора да сфатат дека имаме раст, врв и полека паѓање. Тоа е мајка природа, Но, овде е нешто сосема друго. Јас, па јас. Со мене почна фудбалот и со мене ќе заврши. Ма, дајте бре небулози тешки. На таа тема може да зборуваме колку сакаме, но нема потреба да трошиме повеќе зборови затоа што нема кој да чуе“ – вели Станојковиќ.

ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО ВУЈАДИН СТАНОЈКОВИЌ ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА…

Се вчитува...