Пелистер поведе со 1-0 во четвртфиналната серија против Феникс 2010 откако во првиот натпревар во Битола славеше со 90-86. Битолчани имаа предност во поголемиот дел од натпреварот, во еден момент истата изнесуваше и 12 поени, но откако гостите се вратија на „еден напад“ пресудна беше мираната рака на Карутерс и Стајиќ зад линијата 6,75 од каде реализираа три обиди при самиот крај на нападот.
Резултатската иницијатива на самото отварање на натпреварот им припадна на кошаркарите на Пелистер кои во еден момент имаа предност од 21-16, но Трајковски, Митревски и Петков се погрижија за целосен пресврт по првата четвртина (23-24). Изедначениот ритам продолжи и во поголемиот дел и од втората четвртина, но овој пат завршницата има припадна на „зелено-белите“ кои преку Хаџифејзовиќ и Карпентер стигнаа до предност од 49-42.
Пелистер продолжи да го диктира темпото и на отварањето на второто полувреме, од минута во минута ја зголемуваше предноста за истата во еден момент да ги изнесува највисоките +12 (64-52). Сепак „зелено-белите“ не ја задржаа истата бидејќи Митревски со реализацијата за три поени експресно ги врати во игра гостите за само 65-60 пред одлучувачките десет минути. Во нив младиот бек продолжи да блеска на теренот, поентираше и асистираше па Феникс 2010 стигна до натпревар на една топка, но тројките на Карутерс и Стајиќ не дозволија гостите да имаат шанса за целосен камбек.
Со 22 поени и 6 скока лидер на Пелистер беше Стајиќ, додека него го следеше Карутерс со 17 поени и 6 асистенции. Со 28 поени и 6 асистенции Феникс 2010 го предводеше Митревски, а 15 поени и 6 скока додаде Димчевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА