Пресврт: Конте останува на чело на Интер!

Антонио Конте ќе остане на чело на Интер и во наредната сезона, откако трофејниот стручњак го „преживеа“ состанокот со претседателот Стивен Жанг. Голем дел од медиумите најавуваа дека Конте денеска ќе добие отказ и ќе биде заменет со Масимилијано Алегри, но стратегот на Интер успеал да го убеди кинескиот газда во исправноста на своите изјави во изминатиот период.

Конте жестоко ги нападна клупските директори по последното калчолигашко коло со Аталанта, обвинувајќи ги за недоволна поддршка кон него и кон фудбалерите. Станува збор за Аусилио и Марота, кои беа со заеднички став дека Конте треба да си замине, но Жанг го имаше последниот збор и реши да ја продолжи соработката со овој стручњак.

„Имавме конструктивен состанок со Антонио Конте на кој се дискутираше за клупската стратегија. Притоа, двете страни поставија темели за да продолжи соработката“, објави Интер на официјалната веб-страница.

Останува да се види дали останувањето на тренерот ќе значи и заминување на директорите со кои беше во војна, или кинеските газди ќе успеат да најдат начин да ги смират завојуваните страни.

Се вчитува...