Пресврт: Манџукиќ потпиша за Ал Духаил

Марио Манџукиќ од денеска повеќе дефинитивно не е член на Јувентус, откако хрватскиот напаѓач го комплетираше трансферот во катарскиот прволигаш Ал Духаил. Овој клуб веќе извесно време го следеше „Супер Марио“, па иако утрово се шпекулираше дека преговорите се прекинати, во последен момент дојде до пресврт и Манџукиќ вечерва потпиша договор со лидерот на катарскиот шампионат.

Со овој трансфер тој конечно стави крај на агонијата во Јувентус, откако во првиот дел од сезонава беше целосно игнориран од страна на новиот тренер Маурицио Сари. Манџукиќ, кој во минатото постигна бројни значајни погодоци за „старата дама“, не се наоѓаше ниту меѓу резервните фудбалери, голем дел од времето го минуваше тренирајќи изолирано од првиот тим, како јасна порака дека во Јувентус не се смета сериозно на неговите услуги.

За неговите услуги се интересираа и Милан и Манчестер Јунајтед, но поранешниот хрватски репрезентативец на крајот сепак реши да го напушти европскиот фудбал и да се пресели во далечниот Катар.

Се вчитува...