Пресврт: Тудор извиси, Елмас доби нов тренер

Наполи ја заврши потрагата по нов тренер, но тоа нема да биде Игор Тудор и покрај најавите дека хрватскиот стручњак ја прифатил понудата од Аурелио де Лаурентис да седне на клупата на „наполитанците“.

Валтер Мацари е тренерот што ќе го води Наполи до крајот на оваа сезона, откако искусниот стручњак експресно постигнал договор со Де Лаурентис на средбата што ја имал со претседателот на клубот. Двајцата имаат одлична соработка уште од претходната авантура на Мацари во Неапол (од 2009 до 2013 година), а Де Лаурентис бил задоволен што за разлика од Тудор, овој стручњак не барал никакви посебни гаранции, прифаќајќи безусловно договор до крајот на сезонава.

Со тоа, првиот човек на Наполи добива опција следното лето да преговара со врвно тренерско име (се најавуваат нови разговори со Антонио Конте), а во меѓувреме, од Мацари ќе се бара да обезбеди место во Лигата на Шампионите за наредната сезона.

Овој стручњак по Наполи ги водеше екипите на Интер, Ватфорд, Торино и Калјари, од каде доби отказ пред повеќе од една година. Се е веќе договорено, а се очекува Наполи преку официјално соопштение да го потврди заминувањето на Гарсија од клубот и доаѓањето на Мацари на функцијата шеф на стручниот штаб.

Се вчитува...