Пресврт: Унаи Емери – нов менаџер на Арсенал

Челниците на Арсенал долго размислуваа околу наследникот на Арсен Венгер, се чинеше дека со Микаел Артета веќе е постигнат договор, за во последен момент да дојде до голем пресврт. Унаи Емери ќе биде именуван за нов менаџер на лондонскиот клуб, информација што според британските медиуми ќе биде официјализирана најдоцна до крајот на оваа седмица.

Шпанецот во текот на денешниот ден пристигнал во Лондон на разговори со највисокото раководство на Арсенал, импресионирајќи со својата визија за клубот. Тоа било доволно за „топчиите“ да заборават на Артета и да почнат да преговараат околу финансии со екс-тренерот на ПСЖ, тема на која исто така експресно бил постигнат договор.

Искуството што Емери го има со ПСЖ и претходно со Севилја било главна препорака во однос на Артета, во ситуација кога „топчиите“ се свесни дека мора да доведат тренер кој ќе знае како да се справи со притисок. Се очекува Емери да има на располагање и 70 милиони фунти за нови фудбалери, а новиот стратег ќе има тешка задача да ги убеди Џек Вилшир и Арон Рамзи на нови договори, по најавите дека овие двајца играчи летово ќе си заминат од „Емирати“.

Се вчитува...