Сопствениците на Њукасл јунајтед му ја соопштиле на Александар Исак својата цврста одлука – шведскиот напаѓач нема да го напушти клубот во летниот преоден рок, објави „Дејли Телеграф“.
Најдобриот стрелец на Њукасл изразил желба за трансфер во Ливерпул, но клубот од „Сент Џејмс Парк“ веќе одбил понуда од 110 милиони фунти плус бонуси од „црвените“. Исак моментално тренира индивидуално, а менаџерот Еди Хау призна дека е малку веројатно да биде подготвен за премиерлигашкиот старт против Астон Вила.
Иако се очекуваше Ливерпул да упати нова, подобрена понуда, сопствениците на Њукасл – Саудискиот јавен инвестициски фонд (PIF) – остануваат на ставот дека 24-годишниот напаѓач нема да биде продаден до затворањето на трансфер прозорецот. Дури и доколку клубот успее да донесе нов централен напаѓач, политиката околу Исак нема да се промени.
Незадоволството на Швеѓанецот расте, а медиумите шпекулираат дека размислува да поднесе официјално барање за трансфер. Сепак, таквиот потег најверојатно нема да влијае врз одлуката на раководството. Се очекува Исак да остане надвор од составот до крајот на преодниот рок, по што Хау планира повторно да го врати во првиот тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

