Фудбалерите на Академија Пандев не ја пропуштија можноста по убедливата победа од 3-0 во струмичкото дерби против Беласица да испратат „зајадливи“ пораки и фотографии за постариот градски ривал.
Од Италија порака, преку социјалните мрежи испрати и сопственикот на Академија Пандев, Горан Пандев, порачувајќи дека „боксот не е фудбал“ а без сомнение алудирајќи на првиот човек на Беласица и поранешен кик-боксер, Славчо Васков – Пинда.
Па, со своја реакција се огласи и претседателот на Беласица кој вели дека срамни и недолични се коментарите и навредите кон него лично но и против Беласица, и тоа од сите кои потекнуваат од овој клуб…
„Иако јас коректно и спортски по завршувањето на натпреварот им ја честитав победата, од спротивната страна добив само недолични коментари и навреди лично против мене но и против Беласица. Навреди кои воопшто не доликуваат некој да ги изусти а не пак јавно на социјалните мрежи да ги напише. Имаше и неколку слики, со кои јавно ја понижуваат Беласица. Но тоа е доказ колку некому му смета успехот што ФК Беласица го прави и направи во изминатите неколку години. Им смета тоа што Беласица важи за еден од најорганизираните спортски клубови во Македонија. Паднаа маските на луѓето кои и ден денеска да ги прашаш било што за Беласица…ќе ти одговорат дека ја сакаат Беласица, тоа е нивниот матичен клуб и.т.н. Но за жал, нешто друго излегува на виделина. Реалната слика е сосема друга“ – вели во својата изјава Славчо Васков – Пинда, и дополнува:
„Сепак фудбалот е игра која трае и нема крај. И затоа сакам да упатам еден поздрав до Пандев: Еден натпревар не е крај на фудбалот, секој има право на лош ден. Можеби оваа битка ја добивте, но ФК Беласица овде нема да застане. Добрите резултати и успеси за Беласица допрва доаѓаат“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА