Претседателот на Кјелце потврди: Точно е, Вардар го сака Зорман на кормилото

Европскиот првак Вардар ја слави титулата, но веднаш мисли и за следната сезона. По заминувањето на Роберто Гарсија Парондо треба да се донесе решение за тренерската позиција, а во опција засега се две имиња, Словенецот Урош Зорман и легендарниот Веселин Вујовиќ. Првиот е приказна слична на Парондо, досега немал искуство како прв тренер и всушност му е асистент на Вујовиќ и во стручниот штаб на репрезентацијата на Словенија.

Претседателот на Кјелце, Бертус Сервас, потврди дека Вардар е заинтересиран за Урош Зорман.

„Информацијата за интересот на Вардар за Урош Зорман ме изненади. Секако, неговото евентуално заминување за нас ќе биде проблем, ќе мораме брзо да најдеме друго решение. Но, сфаќам дека ова е голема шанса за Урош, да седне на клупата на новиот европски првак. Тој секогаш ќе има максимален респект во Кјелце, сакаме да остане и ќе се обидеме да го убедиме во тоа“, изјави претседателот на Кјелце за полските медиуми.

Урош Зорман играше во Кјелце од 2011 до 2018 година, освои седум шампионски титули, осум пехари во Купот на Полска и трофеј во ЛШ. Во 2018 година стана прв асистент на Талант Дујшебаев во стручниот штаб на полскиот тим.

Се вчитува...