Претставување на тимови: Феникс 2010 дебитира на прволигашката сцена со една мисла – опстанок

Во пресрет на новата сезона 2021/22 во Првата лига продолжуваме со претставувањето на дванаесетте тима кои ќе се борат на кошаркарските терени. Еден од „новајлиите“ во неа ќе биде Феникс 2010, тимот кој во последната деценија доминираше во младинските конкуренции, а оваа сезона за прв пат во својата историја ќе дебитира во „елитата“.

„Виолетово-жолтите“ и покрај новата амбиција не отстапуваат од својот стратешки план, а во новата сезона во својот состав ќе имаат пет играчи под 20 години.

„Дебитираме во прволигашката сцена со еден од најмладите состави во лигата со неколку играчи од У18 репрезентацијата како Андреј Митервски, Теон Богатиновски, Амар Хот и Марин Петков, и У16 како Димевски, Чурлинов, Костиќ и Стојковиќ, но тоа е начин на работа на овој клуб и истиот ќе го задржиме и понатаму, а искуството кое ќе го добијат овие играчи ќе биде од огромна важност за нашата кошарка. Го задржавме и костурот на тимот од претходната сезона и ангажиравме неколку искусни играчи кои треба да донесат стабилност. Нема да биде лесно во текот на сезоната, тоа и го очекуваме, но без разлика на секој натпревар ќе влегуваме со цел да оствариме победа“, изјави за ЕКИПА, Денис Дервишевиќ.

„Целта ни е да го задржиме местото во Првата лига и во следната сезона и одиме чекор по чекор. Претсезонските натпревари ни дадоа назнаки за тоа што треба да поправиме во нашата игра, работиме на тоа и сметам дека како што ќе се одвива сезона ќе напредуваме повеќе“


Феникс во своите редови го задржа поголемиот број на играчи кои ги бранеа боите на клубот претходната сезона како Митревски, браќата Хот, Димитриески, Кацарски, Петков, Богатиновски. Притоа од македонските играчи стигнаа Павле Михајловски, Михајло Арсоски и Борјан Стојановски кои со прволигашкото искуство кое го имаат зад себе треба да служат како пример за младите.

Во однос на странците ангажирани се Ахмад Кларк, Двејн Морган и Куртис Џоунс со тоа што е оставен простор за уште едно засилување, најверојатно на центарската позиција која во моментот ја покирва само Арсоски.

ПРЕДВИДЕН ФИНИШ: Борба за опстанок

Јасно е дека Феникс во првата сезона на прволигашата сцена ќе се бори за опстанок во „елитата“, но овој тим ги има предиспозициите да биде пријатно изненадување во сезоната. Тоа „виолетово-жолтите“ го покажаа и на меморијалниот турнир „Анте Дуковски“ каде стигнаа до финалето со победи против Работнички и Куманово, но за тоа ќе биде остварено потребно е поголемо залагање на теренот.

Феникс во својот тим има многу млади играчи кои ќе мораат да дадат се од себе на секоја добиена минута, а многу ќе значи и од странците. Во претсезоната Морган и Џоунс изгледаа како „полн погодок“ за младиот состав, но не и Кларк кој ќе мора да го поправи впечатокот.

Се вчитува...