Претставување на тимови: Гостивар има услови да биде изненадувањето на сезоната

Четири дена не делат од почетокот на сезоната 2021/22 во која дванаесет тима ќе се борат за титула и опстанок во елитата на мак-баскетот. Еден од нив ќе биде и Гостивар кој оваа сезона има услови да биде изненадувањето на сезоната.

Гостиварчани во првиот дел од претходната сезона се соочија со проблеми, но тимот ја врати стабилноста со ангажманот на Александар Јончевски. Искусниот стратег остана во редовите на „сино-белите“ и за новата сезона во која тимот ќе бара враќање на врвот на табелата.

„Подготовките се одвиваат во најдобар ред. Имавме дел кој се однесуваа на базични припреми, индивидуални тактички и сега сме во делот на пријателски натпревари каде што пробуваме тимската тактика да ја доведеме до едно задоволително ниво. Задоволен сум како момците го прифаќаат начинот на работа, почитувањето на принципите за сето тоа донесе еден систем кој ќе функционира во текот на целата сезона. Многу битно е да нема повреди и заболени кои би ги оддалечило од посакуваната форма“, изјави за ЕКИПА, Александар Јончевски.

„Очекувањата се секогаш КК Гостивар да се покаже во најдобро светло, особено доколку биде овозможено истото пред домашна публика. Доколку се почитуваат принципите и системот функционира многу е реално да се најдеме во горниот дел од табелата односно Суперлига, а таму би одлучувале детали“


Гостивар претрпе големи промени во играчкиот кадар ова лето. Од тимот заминаа: Ивица Димчевски, Александар Костоски, Немања Николиќ, Стефан Лакиќ, Диме Тасовски, Александар Штерјов и Џалон Фрајдеј.

Во однос на претходната сезона останаа: Марјан Јанески, Александар Тодоровиќ и Ренато Димитриевски, а нови засилувања се: Никола Силаџи, Војче Лефкоски, повратникот Роберт Димитриевски, Виктор Ефремовски, Ијасу Ворку и Маише Дејли.

ПРЕДВИДЕН ФИНИШ: Суперлига

Играчкиот кадар на Гостивар ова лето остана покус со заминувањето на Александар Костоски, но сепак гостиварчани брзо реагираа и во своите редови го доведоа Ијасу Ворку кој се покажа како одлична замена за поранешниот македонски репрезентативец.

Покрај тоа во клубот се засили со проверени играчи од домашната сцена, но сега тимот има четири странци во своите редови, а фали „вистински“ плејмејкер кој ќе го ослободува Ворку па нема да биде чудно доколку дојде до промена на странец по првите натпревари во сезоната.

Гостивар ја нема вистинската ширина на клупата, но „сино-белите“ ќе бидат незгоден противник оваа сезона поготово доколку се земе во обзир тоа што настапуваат само во домашното првенство. Тимот кој е исполнет со искусни играчи ќе биде предводен од искусен тренер па ги има сите услови да биде изненадување на сезоната.

Предвидениот финиш по завршување на регуларниот дел од сезоната е Суперлига, цел која сигурно ќе биде остварена, а ќе биде навистина интересно да го видиме овој Гостивар во битката на топ 6 тимовите по завршување на интернационалните настапи на оние кои ќе се најдат во таа фаза.

Се вчитува...